Тековниот пораст на креативните индустрии, како посебна област на интерес за економистите, експертите од областа на културата и оние што ги креираат јавните политики, одразува растечко сознание за нивниот економски потенцијал и нивната улога во поттикнувањето на претприемничкиот дух, творечките потенцијали и културната разноликост преку пазарот.

Со порастот на новите технологии во последните 20 години (како што се интернетот, е-бизнисот и електронските документи) што овозможуваат размена, трговија и конзумирање на културни стоки и услуги полесно од кога и да било претходно, глобализацијата го остварува своето длабоко влијание врз креативните индустрии.

Истражувањата покажуваат дека Република Македонија има солиден потенцијал за развој на стратегијата за креативните индустрии.

Тој потенцијал е содржан во следниве домени:

• културно-историски споменици од различни историски периоди (праисторија, антика и среден век);

• потенцијал за реализација и афирмација на креативните предиспозиции преку искористување на човечките ресурси (поединци и групи) во различни области, како адвертајзингот, дизајнот од секаков вид, софтверот и воопшто дигиталната технологија, класичните форми на уметничкото дејствување и сл.;

• развиен систем на институционализирано формално и неформално образование што е еден од предусловите за развојот на човечките ресурси;

• природни атракции и реткости (планини, пештери, реки, езера);

• богата традициска култура што може да биде предлошка за некои нови форми на туризам и развој на занаетите (особено оние ретките и автентичните).

За да се започне бизнис во доменот на кретивните индустрии, потребни се идеи и финансиски средства, способност, знаење и вештина (познавање на современите форми на маркетинг и менаџмент, но и на идеолошката предлошка на новиот глобален поредок и градењето на нови животни стилови). Во таков контекст, развојот на креативните индустрии во Република Македонија може да се гледа од различни аспекти:

Смислата за развој на креативните индустрии во РМ се бара во пресекот на проблемот на високата стапка на невработеност, од една страна, и националната традиција за производство на добра и пружање услуги во домените на она што се подведува под поимот културни индустрии, од друга страна. Со други зборови, земјата од една страна се соочува со невработеност на речиси една третина од работоспособното население, а од друга страна, има традиција на производство на материјални и нематеријални добра и пружање услуги.

• Евидентно, тоа што на прв поглед се доживува како проблем, во контекст на развојот на културните индустрии може да се перцепира како можност, додека, пак, во отсуство на системски осмислен приод, националната традиција во производството на добра и пружањето на услуги што се квалификуваат како дел од културните индустрии, останува само како неискористена и во основа атрофирана можност.

• Дополнително на степенот на (не)искористеност на работната сила и креативниот потенцијал на граѓаните и на традицијата во производството на добра и пружањето услуги, стои фактот за расположивоста на природни потенцијали и културно-историски артефакти што можат да се стават во функција и на осмислен начин комерцијално да се изложат на увид на јавноста, обезбедувајќи при тоа ефект во стопанскиот раст.

Leave a Reply