Скаути со креативна енергија

Холандската амбасада во Скопје поддржа серија работилници кои ја промовираат современата култура и уметност како алатка за развој на демократизацијата на државата. Работилниците се поделени во две главни тематски целини со кои се опфатени концептите „Креативни градови“ и „Креативни индустрии“, а се координирани од културните скаути/организатори Калина Буневска Исаковска и Сафет Ахмети.

ПРАКТИКА

Концептот за креативен град е развиен во осумдесеттите години на минатиот век. Основната идеја е да се изнајдат начини за вклучување на уметноста и културните организации во процесот на планирање на градскиот развој. Организатор на работилниците за развој на концептот „Креативни градови“ е Калина Буневска Исаковска, која веќе ги сумираше првичните ефекти на проектот, бидејќи работилниците се одржаа од 1 до 5 март.

„Главната цел на проектот е развој на концептот, преку практиката на поканети холандски гости, во македонските градови. На работилницата учествуваа над 35 културни работници и тоа од Министерството за култура, од Град Битола, Град Тетово и Град Скопје и од општините Карпош, Аеродром и Центар. Работилницата содржеше повеќе сесии: на првата се работеше на веб страницата www.travel.mediamatic.net од Амстердам, која е распространета низ целиот свет. Учесниците на оваа сесија направија Културен водич за Скопје. Се одржа и тркалезна маса на која се разви дискусија за потребите на сите субјекти заеднички да работат на проблемите со кои се судираат и се работеше на предлозите за заеднички проекти кои продолжуваат и по завршувањето на работилницата. Некои од очекуваните резултати веќе се остварија: се создаде мрежа помеѓу сите учесници на работилницата и се отворија многу контакти со холандските организации. Како многу битен фактор го издвојувам и продлабочувањето на соработката помеѓу општините, невладиниот сектор и независните уметници“, вели Калина Буневска Исаковска.

КРЕАТИВА

Работилницата за развој на концептот „Креативни градови“ ја водеше Роберт Клајвер од Хаг, политиколог кој студирал меѓународни односи и веќе десет години е активен на полето на културниот развој. Претходно работел во Холандија, но и на Средниот Исток, во Авганистан и во Индија, и во Источна Европа. „Се обидов да го објаснам концептот на креативните градови и на луѓето од независниот културен сектор и на луѓето од локалната управа. Моделот на креативни градови се применува низ целиот свет, но најмногу во градовите на Западна Европа. Тоа е модел со кој независниот креативен сектор меѓу населението се користи како мотор за економски, политички и културен развој на градот. Скопје ја има основата да стане креативен град, но тоа што недостига е свесноста кај дел од локалните власти да ги развиваат потенцијалите кои веќе постојат кај граѓаните. Во Скопје сe уште има пристап со кој политиката, односно дирекцијата на носење на решенијата тргнува од централната и оди кон локалната власт, и луѓето на некој начин се принудени да ги спроведуваат одлуките на централната власт“, забележа Клајвер.

ИМПУЛС

Координатор на проектот за развој на концептот „Креативни индустрии“ е Сафет Ахмети. Работилниците за дефинирање на поимите и за разјаснување на концептот ќе се одвиваат во две фази, а првата е планирана за 19 и 20 март. „Идејата е да се создаде проект-модел, односно платформа за (само)одржлив развој кој би овозможил основа за натамошно развивање на врските помеѓу уметниците, стопанството (бизнис-секторот) и заедницата (пред сe, локална) и би ги промовирал придобивките и вредностите што би можеле да произлезат од заедничката работа. Почетниот импулс потекнува од нововостановените, во светски рамки, размислувања во насока на создавање креативни градови (концепт што не ги подразбира исклучиво големите урбани средини), и во таа смисла на креативни индустрии (при што поимот ’индустрии‘ не нужно посочува на големи индустриски капацитети), како извор на креативна и позитивна енергија. Би се осмелил да сметам дека овој проект ќе ја оствари својата цел доколку успееме да дојдеме до проект-модел што лесно би можел да биде трансформиран, пренесен и прилагоден на било која локација во земјава“, нагласи Ахмети.

Автор на текстот: ТОНИ ДИМКОВ

објавен на 16 март 2010 во Културен вентилатор/Глобус магазин

www.globusmagazin.com.mk/WBStorage/Files/15243.pdf



One Response to “Проект за креативни градови и креативни индустрии во Македонија”

  1. Tweets that mention Креативни градови » Blog Archive » Проект за креативни градови и креативни индустрии во Македонија -- Topsy.com Says:

    […] This post was mentioned on Twitter by Tenevski Gjorgi. Tenevski Gjorgi said: Проект за креативни градови и креативни индустрии во Македонија: Скопје ја има основата да стане креативен град, н… http://bit.ly/aZbF8h […]

Leave a Reply