Ова е текст за Шангај, еден од најпознатите кинески градови. Шангај е најголем трговски центар во Кина. Во процесот на транзиција на преминување од традиционалните кон современи методи на водење на економијата, Шангај презеде водечка улога во земјата. Брзиот развој на креативните индустрии е само еден од типичните примери за овие економски промени.

Креативните индустрии вклучуваат маркетинг, дигитална забава, издаваштво, софтвер и други индустрии.

Во зградата број 8 во улицата Џиангао во центарот на Шангај, каде што некогаш беше голема  фабрика за автомобили, сега се наоѓа Зоната за креативни индустрии број 8. Директорот на зоната, г-дин Хуанг Ханхонг рече:

„Реставрацијата на старата фабрика подразбираше креативен пристап. Го зачувавме структурниот дизајн на старата фабрика, го обновивме ентериерот и ја разубавивме фасадата. Кај нас се чувствува атмосферата и на старото и на новото.”

Зоната за креативни индустрии број 8 досега привлече повеќе од 70 меѓународни компании од областа на креативните индустрии, вклучувајќи го и Јонг Лонг центарот за ракотворби, кој ја промовира кинеската традиционална и современа граѓанска уметност во странство. Зборувајќи за причините поради кои е избрана токму Зоната за креативни индустрии број 8, менаџерот на оваа фирма, г-дин Чен Јишин рече:

„Луѓето кои се занимаваат со креативни активности бараат посебна атмосфера и средина. Ако се работи во тесна и ниска соба, тоа негативно влијае на работата. Овој простор е многу голем и отворен, и дава слобода и широчина на идеите. Се занимаваме со работите на поинаков начин.”

Од 2004 година до денес, во Шангај се отворени 75 слични креативни зони. Две-третини од нив се одвиваат во адаптирани и обновени стари фабрички згради. Во реализацијата на овој деловен проект, владата има одиграно важна улога.

Зоната за креативни индустрии број 8, се наоѓа во општината Ван Лу. Заменик-шефот на економската комисија на општина, г-дин Рихуа Ванг изјави дека владата на Шангај со голем број на стимулативни програми дава поддршка на развојот на креативните индустрии.

”Најважно е со мерките кои ќе бидат донесени земјиштето на кое што ќе бидат овие фирми да се третира како земјиште за индустриски цели. Со ова во голема мера се намалува даночниот притисок врз фирмите. Вработените во креативните индустрии не се  богати со капитал, затоа им треба поддршка”, рече г-дин Ванг.

Покрај тоа, владата на Шангај во 2005 година донела петгодишен план за развој на креативните индустриии во Шангај и вовела креативен индекс на Шангај.

Шангај досега има привлечено повеќе од 3000 компании од областа на креативните индустрии, од над 30 земји. Нивната вредност се зголемува секоја година за 60 милијарди јуани. Шангај планира во следните 20 години да стане еден од највлијателните центри на креативните индустрии во светот.

Leave a Reply