Archive for ноември, 2011

Градот Скопје за идната година во буџетот одвои средства што ќе бидат наменети за реализирање програма за развој на креативните индустрии. Тука влегува идејниот проект „Скопје креатива“, обликување веб-страница, организирање семинари и сл. Крајната цел е избирање локација за формирање на т.н. центар за креативни индустрии, каде што место ќе си најдат најталентираните и најспособните креативци што ќе создаваат производи што ќе се продаваат не само во Македонија туку и надвор од неа.

– Креативната економија во светот од поодамна е важен двигател на економскиот пораст и развој на секој град, регион и држава. Целта на овој проект е акцентот да биде ставен на производот, а не на услугата – вели Тања Балаќ, раководителка на секторот за јавни дејности на градот Скопје.

Долгорочно во план е Скопје да стане заштитен знак за креативните индустрии што имаат високо ниво на уметничка вредност и технолошка иновативност, а истовремено и економска вредност.

– Тука можеме да ги вклучиме дејностите како архитектура, дизајн, видеоигри, ТВ-продукција, ИТ-технологија, изработка на софтвери, маркетинг, екологија, културно наследство, стари занаети и друго – појаснува Балаќ.

Значајно е што производите и услугите што се создаваат како резултат на овие креативни дејности секогаш претставуваат облик на интелектуална сопственост, било да се работи за авторско право или, пак, за патенти и марка на производот.

– Економски исклучително се важни сите дејности во кои се создаваат производи на кои произведувачот ја става ознаката „копирајт“, како сопственик на авторски права и интелектуална сопственост – вели Балаќ.

Според неа, во последната деценија креативните индустрии станаа многу популарни и речиси нема земја во регионот што не го стимулира нивниот развој. Во државите со развиени креативни индустрии, исто така, забележан е и пораст на вработеноста.

Според развиеноста на креативните индустрии во регионот, водат Подгорица, Загреб и Љубљана, преобразувајќи ги напуштените објекти во нови креативни центри. Овие индустрии особено се развиени и во Велика Британија, Германија, Канада, Шпанија, Австралија и во Хонгконг. Посебна мрежа на креативни градови развива и УНЕСКО. На просторите на некогашна Југославија се направени многу анализи на креативните индустрии, а во Македонија во 2009 година Министерството за култура направи мапирање на потенцијалите за креативните индустрии.

– За да стане Скопје креативно не значи да направи само промотивен материјал каде што ќе ги претстави своите архитекти, дизајнери, иноватори и да даде одредени субвенции, туку треба суштински и планирано да пристапи кон оваа задача – вели Балаќ

Во рамките на овој проект наредната година ќе се направат истражувања кои производи и услуги ќе се создаваат и продаваат. Исто така ќе се создаде простор во кој најталентираните граѓани на Скопје и државата ќе создаваат производи и услуги доволно интересни и привлечни за да може да продуцираат одредена економска корист.

Развојот на гранките на креативните индустрии се очекува да биде стимул за младите луѓе што завршуваат факултети од овие области да се вработат во својата професија со што ќе се стимулираат да останат во земјава.

Автор: Мимоза Петревска Георгиева

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=11811722571&id=16&setIzdanie=22425

 
ноември 28th, 2011 креативни градови | No Comments