Archive for the ‘ креативни индустрии ’ Category

Ова е текст за Шангај, еден од најпознатите кинески градови. Шангај е најголем трговски центар во Кина. Во процесот на транзиција на преминување од традиционалните кон современи методи на водење на економијата, Шангај презеде водечка улога во земјата. Брзиот развој на креативните индустрии е само еден од типичните примери за овие економски промени.

Креативните индустрии вклучуваат маркетинг, дигитална забава, издаваштво, софтвер и други индустрии.

Во зградата број 8 во улицата Џиангао во центарот на Шангај, каде што некогаш беше голема  фабрика за автомобили, сега се наоѓа Зоната за креативни индустрии број 8. Директорот на зоната, г-дин Хуанг Ханхонг рече:

„Реставрацијата на старата фабрика подразбираше креативен пристап. Го зачувавме структурниот дизајн на старата фабрика, го обновивме ентериерот и ја разубавивме фасадата. Кај нас се чувствува атмосферата и на старото и на новото.”

Зоната за креативни индустрии број 8 досега привлече повеќе од 70 меѓународни компании од областа на креативните индустрии, вклучувајќи го и Јонг Лонг центарот за ракотворби, кој ја промовира кинеската традиционална и современа граѓанска уметност во странство. Зборувајќи за причините поради кои е избрана токму Зоната за креативни индустрии број 8, менаџерот на оваа фирма, г-дин Чен Јишин рече:

„Луѓето кои се занимаваат со креативни активности бараат посебна атмосфера и средина. Ако се работи во тесна и ниска соба, тоа негативно влијае на работата. Овој простор е многу голем и отворен, и дава слобода и широчина на идеите. Се занимаваме со работите на поинаков начин.”

Од 2004 година до денес, во Шангај се отворени 75 слични креативни зони. Две-третини од нив се одвиваат во адаптирани и обновени стари фабрички згради. Во реализацијата на овој деловен проект, владата има одиграно важна улога.

Зоната за креативни индустрии број 8, се наоѓа во општината Ван Лу. Заменик-шефот на економската комисија на општина, г-дин Рихуа Ванг изјави дека владата на Шангај со голем број на стимулативни програми дава поддршка на развојот на креативните индустрии.

”Најважно е со мерките кои ќе бидат донесени земјиштето на кое што ќе бидат овие фирми да се третира како земјиште за индустриски цели. Со ова во голема мера се намалува даночниот притисок врз фирмите. Вработените во креативните индустрии не се  богати со капитал, затоа им треба поддршка”, рече г-дин Ванг.

Покрај тоа, владата на Шангај во 2005 година донела петгодишен план за развој на креативните индустриии во Шангај и вовела креативен индекс на Шангај.

Шангај досега има привлечено повеќе од 3000 компании од областа на креативните индустрии, од над 30 земји. Нивната вредност се зголемува секоја година за 60 милијарди јуани. Шангај планира во следните 20 години да стане еден од највлијателните центри на креативните индустрии во светот.

 
октомври 20th, 2010 креативни индустрии | No Comments
 
 

Тековниот пораст на креативните индустрии, како посебна област на интерес за економистите, експертите од областа на културата и оние што ги креираат јавните политики, одразува растечко сознание за нивниот економски потенцијал и нивната улога во поттикнувањето на претприемничкиот дух, творечките потенцијали и културната разноликост преку пазарот.

Со порастот на новите технологии во последните 20 години (како што се интернетот, е-бизнисот и електронските документи) што овозможуваат размена, трговија и конзумирање на културни стоки и услуги полесно од кога и да било претходно, глобализацијата го остварува своето длабоко влијание врз креативните индустрии.

Истражувањата покажуваат дека Република Македонија има солиден потенцијал за развој на стратегијата за креативните индустрии.

Тој потенцијал е содржан во следниве домени:

• културно-историски споменици од различни историски периоди (праисторија, антика и среден век);

• потенцијал за реализација и афирмација на креативните предиспозиции преку искористување на човечките ресурси (поединци и групи) во различни области, како адвертајзингот, дизајнот од секаков вид, софтверот и воопшто дигиталната технологија, класичните форми на уметничкото дејствување и сл.;

• развиен систем на институционализирано формално и неформално образование што е еден од предусловите за развојот на човечките ресурси;

• природни атракции и реткости (планини, пештери, реки, езера);

• богата традициска култура што може да биде предлошка за некои нови форми на туризам и развој на занаетите (особено оние ретките и автентичните).

За да се започне бизнис во доменот на кретивните индустрии, потребни се идеи и финансиски средства, способност, знаење и вештина (познавање на современите форми на маркетинг и менаџмент, но и на идеолошката предлошка на новиот глобален поредок и градењето на нови животни стилови). Во таков контекст, развојот на креативните индустрии во Република Македонија може да се гледа од различни аспекти:

Смислата за развој на креативните индустрии во РМ се бара во пресекот на проблемот на високата стапка на невработеност, од една страна, и националната традиција за производство на добра и пружање услуги во домените на она што се подведува под поимот културни индустрии, од друга страна. Со други зборови, земјата од една страна се соочува со невработеност на речиси една третина од работоспособното население, а од друга страна, има традиција на производство на материјални и нематеријални добра и пружање услуги.

• Евидентно, тоа што на прв поглед се доживува како проблем, во контекст на развојот на културните индустрии може да се перцепира како можност, додека, пак, во отсуство на системски осмислен приод, националната традиција во производството на добра и пружањето на услуги што се квалификуваат како дел од културните индустрии, останува само како неискористена и во основа атрофирана можност.

• Дополнително на степенот на (не)искористеност на работната сила и креативниот потенцијал на граѓаните и на традицијата во производството на добра и пружањето услуги, стои фактот за расположивоста на природни потенцијали и културно-историски артефакти што можат да се стават во функција и на осмислен начин комерцијално да се изложат на увид на јавноста, обезбедувајќи при тоа ефект во стопанскиот раст.

 
април 10th, 2010 креативни индустрии | No Comments
 
 

John Howkins

The Creative Economy:

How People Make Money from Ideas

Креативна економија: Како луѓето прават пари од идеи претставува сеопфатна анализа на новата економија, која се базира на креативните луѓе, креативните индустрии и креативните градови.

Во својата книга, Џон Хокинс поаѓа од индивидуалната креативност на секој човек и го истражува идентитетот, уметноста, бизнисот, општеството и глобалниот развој.

Своите анализи ги заснова на искуствата во Велика Британија и САД. Велика Британија создава поголем финансиски приход од музика, отколку од својата автомобилска индустрија. Во САД, креативните индустрии достигнуваат извоз од преку 60 милијарди долари годишно, бројка која што го надминува секој друг извозен сектор, вклучувајќи ги автомобилите, земјоделството и авионите.

Главна цел на неговите истражувања е како да се поттикне креативноста и индустријата која е поврзана со креативноста со цел создавање вредности од јавен интерес.

Хокинс, инаку извршен директор на лондонската Tornado Productions, и советник на околу триесет влади од светот за развој на креативните индустрии во нивните земји, во својата книга идентификува 15 сегменти на креативната економија:

1. Адвертајзинг

2. Архитектура

3. Ликовна уметност

4. Занаети

5. Дизајн

6. Мода

7. Снимена (филмувана) забава (вклучувајќи видео и ДВД-а)

8. Музика

9. Изведувачки уметности

10. Издаваштво

11. Истражување и развој

12. Софтвер

13. Играчки (за деца) и игри (без видео/компјутерски игри)

14. Видео/компјутерски игри

15. ТВ и радио

Креативната економија е местото за акција на пост-индустриското и пост-модерното општество. Тоа е местото каде што во иднина најголем дел од вредностите ќе бидат создадени и каде што ќе бидат највисоко платените работни места.

Тоа е, исто така, местото каде што е најголемата забава.

 
април 6th, 2010 креативни индустрии | 1 Comment
 
 

Креативните индустрии се најбрзорастечка гранка на британската економија. Тие имаат подобри резултати од традиционалните сектори како земјоделство и производство на автомобили. Но што се всушност креативни индустрии? Како се дефинираат и зошто е развојот на овој сектор важен за Обединетото Кралство? Важни ли се и за македонската економија?

На овие и на многу други прашања во врска со креативните индустрии беше направен обид да се даде одговор преку проектот Мапирање на креативните индустрии во Република Македонија, под раководство на проф. д-р Антоанела Петковска од Институтот за социологија при УКИМ, спроведен од Британскиот Совет во соработка со Министерството за култура на РМ, во периодот 2007 – 2009 година.

Промоцијата на публикацијата Мапирање на креативните индустрии во Република Македонија се одржа на 18 март 2010 во Музејот на Македонија.

Публикацијата од истражувањето на македонски јазик (561кb, .pdf), како и дополнителни информации во врска со проектот, можете да најдете на следниот линк:

http://www.britishcouncil.org/mk/macedonia-creative-industries.htm

 
април 5th, 2010 креативни индустрии | 2 Comments